
Подетално за компанијата
АГРО КАЛЕМ од село Тимјаник, Неготино е семејна компанија формирана од Гоце и Васка Мојсовски, која постои веќе 23 години. Главна дејност ни е производство и продажба на трпезно грозје и лозов и овошен саден материјал. Нашите производи се со одличен квалитет.


Под сончевите зраци во срцето на Тиквешијата, покрај реката Вардар, на надморска височина од 150 метри, во атарот на Тимјаник се наоѓаат нашите плантажи со трпезно грозје и расадникот за лозови и овошни садници. Главната цел на компанијата е инвестирање во подобрување на техниките за берба, пакување на грозјето и чување во соодветен ладилник. Посебен акцент ставаме врз начинот на пакувањето на грозјето и амбалажата. Инвестирањето во пакувањето значи додадена вредност на производите, со што ја зголемуваме конкурентноста на домашниот и странскиот пазар. Нашите производи се класирани и сортирани соодветно на потребите на клиентите.
Произведуваме овошни садници од сите видови и сорти: јаболко, слива, круша, кајсија, цреша, праска, вишна, бадем, орев... Од винските сорти на садниците за лозови насади ги имаме: шардоне, смедеревка, вранец, кратошија, темјаника... А од трпезните сорти: викторија, кардинал, палиери, страшенски, афузали, мускат италија, молдавија...


За да обезбедиме максимален квалитет на она што го нудиме на пазарот изградивме и сопствен ладилник, кој ни овозможува на најсоодветен начин да ги чуваме сопствените производи (трпезното грозје и садниците).
ПРОИЗВОДСТВО НА МАЏУН
Во градот под виновата лоза највкусната храна се прави од грозје, а само од неговиот сок се добива производ со карактеристичен мирис, слатко-кисел вкус и арома – чудото од лек кој поттекнува од Тиквешијата – неговото височество МАЏУНОТ.
Маџунот, уште наречен гроздов слад, е 100% природен производ без додаток на шеќер, адитиви и конзерванси. Маџунот претставува природен засладувач кој се произведува од гроздов сок и е одлична замена за сахарозата (белиот шеќер).
Приказната за овој природен засладувач е стара колку и грозјето. Во минатото, нашите баби и дедовци немале шеќер во изобилство, бидејќи бил прилично скап, па слатките и колачите ги подготвувале со маџун. Маџунот го правеле од бели и црвени сорти грозје. Колку верувале во неговата лековитост, зборува фактот дека со маџун ги хранеле и бебињата. Денес науката овој начин на исхрана го докажа како исклучително здрав. Во Тиквњшијата е позната изреката дека маџунот од бело грозје е храна, а од црвеното грозје е лек.

Контакт информации
Адреса
Улица: Село Тимјаник бб, 1440 Неготино
Град: Неготино
Држава: Македонија
Мапа
Документи
